Првата половина од 2025 година го потврди НУ Камерен Оркестар на Битола како централна сила на класичната музичка сцена во регионот, институција што не само што создава врвни музички доживувања, туку и испраќа моќни пораки преку звукот. Со вкупно седум концерти, оваа полусезона донесе емоции, нови соработки и уметнички експерименти.

Сезоната беше отворена со традиционалниот концерт „Засекогаш во срцата“, посветен на Тоше Проески, ДНК и трагично настраданите во пожарот во Кочани. Овој концерт, изведен исклучиво со македонски уметници во Центарот за култура Битола имаше и хуманитарен карактер, дел од средствата беа донирани за Кочани. Преку музиката, оркестарот испрати порака на солидарност и љубов, со што симболично беше означен почетокот на новата сезона.

По овој концерт, следеше „Романтична Едвардова вечер“, посветена на делата на Елгар и Григ – вечер исполнета со нежност и длабочина, со солистот Антонио Илиоски на виолончело и диригентот Владимир Димовски. Концерт кој ѝ даде лирска рамнотежа на претходната емоционална тежина.

Велигденската атмосфера донесе нешто сосема поинакво: „Премин 25“, авторски музичко-сценски проект на Горан Трајкоски во режија на Дејан Пројковски. Со учество на Тања Царовска, Ана Митоска, Петар Христов и самиот Трајкоски, концертот понуди смела спојка на духовна, алтернативна и класична музика, водена од оркестарот под диригентската палка на Димовски. Уметнички ризик кој публиката го прифати со воодушевување.

Во мај, концертот „Ехо на Единството“, под водство на маестро Евгениј Шчербаков, донесе автентична современа музика со дела од Шчербаков, Колароски, Гигеле и Петровски. Солистите Симон Поповски (виолина) и Владимир Димовски (виола), заедно со диригентот Шчербаков и оркестарот ја водеа публиката низ звуци што обединуваат традиција и современост.

Јуни започна со отворањето на натпреварот Пијанофест преку концертот „Лауреатите на Пијанофест“, со минатогодишната добитничка на лауреат Златица Лазарова и диригентот Вангел Мажевски, а продолжи со „Подиум на млади“ – заеднички проект со Државното музичко училиште – Битола, со кој започна ново партнерство меѓу двете институции и поддршка на младите музички уметници.

Полусезоната заврши со блескавото финале – „Концерт со двајца солисти“, каде публиката уживаше во изведби на оперски бисери и оркестарски дела. Сопранот Билјана Талевска, виолинистот Валентин Наумов и баритонот Кристијан Антовски изведоа програма од Моцарт, Пучини, Шосон и Верди, под диригентство на Владимир Димовски.

Овие седум концерти – од емотивно отворениот „Засекогаш во срцата“ до раскошното завршување со Пучини и Верди – се одраз на визијата на НУ Камерен Оркестар да ја донесе класичната музика поблиску до луѓето, без бариери.

Од нив, „Засекогаш во срцата“ и „Премин 25“ беа одржани во Центарот за култура Битола, додека останатите концерти беа реализирани во просториите на Офицерски дом Битола, поддржани од Културно-информативниот центар. Особена благодарност изразуваме до Офицерски дом Битола за несебично отстапениот простор за проби и настапи – поддршка што беше клучна за реализацијата на уметничката мисија.

Сите класични концерти беа со бесплатен влез, со јасна цел – класичната музика да стане достапна за сите, без разлика на возраст, професија или предзнаење. Да биде културна навика, а не привилегија.

До крајот на 2025 година, публиката ја очекуваат уште 12 концерти, кои ќе продолжат да ја градат оваа приказна што започна многу одамна со срце, љубов и посветеност.

Категорија: