Програмата за 2026 содржи различни музички проекти и гости од Македонија и странство, кои ќе го збогатат културниот живот во Пелагонискиот регион и пошироко. Ве молиме имајте предвид дека во текот на годината програмата може да има измени поради големиот број на учесници и можностите на оркестарот.

Согласно Решението на Министерството за култура и туризам бр. УП1 21-751/2025 од 11.02.2026 година, одобрени проекти за 2026 година се следните:

Барокна музика во ново светло со диригент Виктор Митревски

Во рамки на континуираните заложби за унапредување и збогатување на македонската класична сцена, Камерниот оркестар на Битола планира да реализира нов музички проект во соработка со истакнатиот македонски диригент Виктор Митревски. Со богата интернационална кариера и активно делување во Виена, Митревски претставува уметник со исклучителен професионален квалитет и европско искуство, кој сè уште недоволно е присутен на македонската сцена.

Целта на овој проект е токму тоа — да му се отвори простор за настап во својата татковина, при што неговото искуство ќе придонесе кон ново уметничко богатство на домашната публика.

Како прв чекор во соработката, се предвидува програма посветена на барокната музика — период што треба да се негува во годишниот репертоар на оркестарот. Со ова, Камерниот оркестар прави значаен уметнички исчекор, влегувајќи во територија на раната музика, која бара стилска прецизност, автентична интерпретација и суптилна музичка изведба.

Соработката со Виктор Митревски претставува одлична можност македонската публика да го доживее барокниот репертоар од една поинаква перспектива — освежен со современ пристап и воден од диригент со интернационален сенс и изострено музичко чувство.

Овој проект не само што збогатува уметничката понуда во земјата, туку и гради мост помеѓу македонските музички институции и уметниците кои успешно делуваат надвор од државата, во насока на создавање богата, разновидна и културно релевантна музичка иднина.


Музичкото наследство од последниот век

Во културниот амбиент на Офицерскиот дом во Битола, љубителите на уметничката музика ќе имаат можност да присуствуваат на концерт посветен на најзначајните музички правци и автори од последниот век. Настанот, со наслов Музичкото наследство од последниот век, претставува тематска вечер која преку изведба на современи дела ќе понуди ретроспектива на музичките идеи што го обликувале 20-тиот и 21-виот век.

На концертот ќе диригира истакнатиот композитор и маестро Евгениј Шчербаков, кој воедно ќе биде застапен и со свои авторски дела. Во програмата ќе бидат вклучени и композиции од македонскиот автор Гоце Коларовски – еден од најзначајните творци на нашето современо музичко творештво – како и дела од уште неколку други композитори кои оставиле значаен белег во последните 100 години.

Овој настан претставува вистинско освежување за локалната битолска публика, која не толку често има можност да слушне репертоар од ваков вид во живо. Преку внимателно одбрана програма и врвна изведба, концертот ќе отвори простор за ново вреднување на современата музика, како дел од колективната културна меморија и иднината на уметничкиот израз.


Виолончелизмот и класицизмот

Проектот „Виолончелизмот и класицизмот“ претставува значаен музички настан што ги спојува врвните солисти од регионот со Националниот камерен оркестар на Битола. На овој концерт ќе настапат двајца извонредни виолончелисти – Паскал Краповски од Македонија и Атанас Крастев од Бугарија, кои ќе ги изведат концертите за виолончело и оркестар од Јозеф Хајдн во Ц-дур и Д-дур. Концертот ќе го диригира реномираниот маестро Глигор Паликаров, чија уметничка визија и интерпретативна зрелост ќе придонесат за високото ниво на изведбата.

Со изборот на дела од класичната епоха, проектот има за цел да ја нагласи убавината и елеганцијата на звукот од класицизмот, истовремено промовирајќи интернационална соработка и размена на културни вредности. Овој внимателен избор на репертоарот има за цел и да ги инспирира младите виолончелисти да ја продлабочат својата љубов и посветеност кон инструментот, поттикнувајќи ги да продолжат со усовршување и развој на своето музичко знаење.

Покрај концертната изведба, двајцата солисти ќе одржат и семинар по виолончело со учениците од Државното музичко училиште во Битола. Овој едукативен сегмент од проектот претставува значајна можност за младите музичари директно да учат од врвни професионалци, разменувајќи искуства и добивајќи практични насоки за унапредување на нивната техника и музикалност.

Преку изведбата на овие мајсторски дела и образовните активности, проектот ќе придонесе за збогатување на виолончелската култура во Битола, овозможувајќи и на публиката и на младите музичари да се запознаат со традицијата и убавината на класичниот репертоар за виолончело.

Со оваа иницијатива се гради културен мост меѓу земјите од регионот, а истовремено се поттикнува развојот на музичката сцена во градот, со акцент на квалитетни изведувачи, уметничка извонредност и едукативна поддршка за новите генерации музичари.


Внатрешен глас на виолончелото и виолината

Во рамки на фестивалот Охридско лето, во соработка со Националната установа Камерен оркестар на Битола, ќе се одржи исклучително иновативен музички настан кој ја спојува класичната форма со современа експресија. Под наслов Внатрешниот глас на виолончелото и виолината, концертот ќе понуди две оригинални композиции од реномираниот канадски композитор и диригент Евгениј Шчербаков, изведени од двајца интернационално признати солисти.

На концертот ќе настапат виолончелистот Емил Ровнер и виолинистот Симон Поповски, секој со различна композиција од Шчербаков. Централно дело на вечерта ќе биде светската премиера на Концерт за виолончело и бас (глас), оригинално дело специјално напишано за Емил Ровнер. Во ова уникатно дело, Ровнер настапува не само како солист на виолончело, туку и вокално – користејќи го својот глас како интегрален дел од музичката структура.

Покрај оваа премиера, виолинистот Симон Поповски ќе го изведе друго дело од Шчербаков, исто така напишано од композиторот, во кое ќе дојде до израз внатрешниот поетски и звучен потенцијал на виолината. Со ова, концертот претставува ретка можност за публиката да присуствува на две исклучителни изведби на современа класична музика, изведени од уметници со меѓународна кариера.

Проектот ја нагласува посветеноста на фестивалот Охридско лето и НУ Камерен оркестар на Битола кон современата класична музика и поддршката на нови музички изрази. Настанот претставува вистинска уметничка синергија и силен чекор кон иновативниот дух на современото музичко творештво.

Годишнина од формирањето на Камерниот оркестар на Битола со маестро Борјан Цанев

Овој музички проект претставува стилизирано патување низ европскиот музички модернизам и неокласицизам, збогатено со фолклорни инспирации и камерна елеганција. Концептот обединува дела што ја истакнуваат бојата, суптилноста и виртуозноста на гудачкиот ансамбл, дополнети со деликатни вметнувања на флејти, харфа (или пијано), кларинети и фаготи, создавајќи динамичен, но компактно заокружен звучен свет.

Програмата започнува со Прелудите бр. VI и VIII од Клод Дебиси, адаптирани за гудачки ансамбл. Овие минијатури се пример за импресионистичка поетика – звучни слики во кои бојата, линијата и атмосферата се претопуваат во суптилни динамички нијанси и етерично музицирање.

Следува „Capriol Suite“ на Питер Ворлок, едно од најпознатите дела инспирирани од ренесансната музика. Шесте танци, со својата енергична ритмика, јасни форми и контрастни карактери, му даваат на ансамблот можност да ја истакне и прецизноста и топлината на гудачкиот звук.

Со „Fantasia on Greensleeves“ од Ралф Вон Вилијамс, концертот добива лирска, носталгична димензија. Познатата англиска мелодија е преработена во исклучително елегантна фантазија каде гудачите, флејтите и харфата (или пијано) создаваат нежно преплетување на старинска убавина и модерна музичка чувствителност.

Првиот дел се заокружува со „Romanian Folk Dances“ од Бела Барток, во аранжман за гудачи со додавање две флејти, два кларинети, два фаготи и два рога. Циклусот носи силен народен карактер, живописни темпа и автентична енергија, типична за Бартоковото собирање и преработување на фолклорниот материјал.

Вториот дел од програмата започнува со нежната Серената за гудачи на Едвард Елгар – едно од неговите најпоетични и најомилени камерни дела. Суптилните линии и топлиот мелодиски тек претставуваат вистинска есенција на англиската романтичарска традиција.

Потоа следи современиот контраст – „A Little Daneliade“ на Гија Канчели, дело исполнето со карактеристичната транспарентност, тишина и чувствителна драматургија на грузискиот композитор. Комбинацијата од соло виолина, пијано, гудачи и ад либитум перкусии создава атмосфера која е на моменти игрива, а на моменти меланхолична, но секогаш исклучително суптилна.

Пред завршницата, програмата нуди мал музички „шега-прекин“ со „Happy Birthday Variations“ од Петер Хејдрих, каде познатата мелодија е претворена во низа стилски пародии и варијации што го развеселуваат ансамблот и публиката.

Како биса, избрани се две кратки, но ефектни дела: игривата „Plink, Plank, Plunk“ од Лерој Андерсон, која го слави перкуторното третирање на гудачките инструменти, и вечната минијатура „Salut d’amour“ на Елгар, која внесува топлина и елегантност како идеален завршеток на концертот.

Оваа програма е замислена како богата звуковна прошетка низ различни музички јазици и епохи, но со заедничка нишка – гудачките инструменти како платно на кое различните автори сликаат светови исполнети со емоции, фантазија, фолклор и поетска длабочина.


Концерт во сеќавање на Јасминка Чакар

Концертот „Во сеќавање на Јасминка Чакар (1939–2020)“ е посветен на животот и делото на истакнатиот пијанист, педагог и професор на Факултетот за музичка уметност, како и заслужен граѓанин на град Битола. Со овој настан се оддава почит на нејзиниот исклучителен придонес во музичката култура, педагошката дејност и развојот на пијанистичката уметност во Македонија.

На програмата ќе биде изведен Клавирскиот концерт бр. 1 во d-moll, BWV 1052 од Јохан Себастијан Бах, едно од најзначајните дела од барокната концертна литература, кое се одликува со силна драматика, виртуозност и длабока музичка експресија.

Како солист ќе настапи Петар Макариевски, пијанист, кој преку својата интерпретација ќе го пренесе духот на делото и ќе ја продолжи традицијата на високите уметнички вредности што ги негуваше и самата Јасминка Чакар.