За НУ Камерен Оркестар на Битола
Љупчо Милевски
ВД Директор
Националната установа Камерен оркестар на Битола е формирана на 31 мај 2023 година, како резултат на повеќегодишните заложби, визија и континуирана работа на Владимир Димовски, основач на институцијата и нејзин прв ВД директор.
Со формирањето на оркестарот како јавна културна установа беа поставени темелите за институционално, професионално и континуирано функционирање во рамките на македонскиот културен систем, а во овој период беа вработени и првите шестмина членови.
Мисија и дејност
Институцијата делува во рамките на Пелагонискиот регион, со мисија да:
- – ја aфирмира и развива музичката уметност,
- – ја збогатува културната сцена со квалитетни програми,
- – овозможи пристапност и континуитет на класичната и камерната музика,
- – ја промовира македонската музичка традиција во земјата и надвор од неа,
- – ги поттикнува новите генерации музичари и публиката преку современи и разновидни пристапи.
Камерниот оркестар се стреми кон современ музички израз, уметничка разнообразност и квалитет, како и кон создавање нови можности за културен развој во регионот и пошироко.
Првични вработувања (2024)
Како резултат на управувањето на Владимир Димовски како ВД директор, во мај 2024 година во оркестарот се вработуваат првите членови:
- Дејан Цветковски – виолончело
- Ангела Димковска – флејта
- Симон Поповски – виолина
По нивното вработување, функцијата ВД директор ја презема Дејан Цветковски, додека Владимир Димовски продолжува да придонесува како надворешен соработник, активно вклучен во уметничкиот и организациски развој.
Со заеднички ангажман, Владимир Димовски и Дејан Цветковски во текот на 2024 година реализираат седум значајни проекти, меѓу кои и два интернационални концерти – во Рим (Италија) и Виена (Австрија), како и повеќе настапи низ државата. Двата меѓународни концерти беа распродадени до последното место и завршија со долг аплауз и стоечки овации.
Проширување на составот (2025)
Во јануари 2025 година, оркестарот се проширува со уште три вработени:
- Валентин Наумов – виолина
- Милена Марковска – виолина
- Љупчо Милевски – виолончело
Во јуни 2025 година, по завршување на ангажманот во Националната опера и балет, Владимир Димовски преминува во НУ Камерен оркестар на Битола, дополнително зајакнувајќи го уметничкиот и институционалниот развој на установата.
Моментално, функцијата ВД директор на НУ Камерен оркестар на Битола ја извршува Љупчо Милевски.
Настани и активности
НУ Камерен оркестар на Битола реализира сопствена програмска дејност која опфаќа:
- класични концерти,
- камерни програми,
- едукативни активности,
- музички проекти и соработки со домашни и меѓународни уметници.
Сите актуелни и минати настани на Националната установа се достапни на посебната страница „Новости“ на веб-страницата на оркестарот, како и на официјалните профили на социјалните мрежи.
Вработени во НУ Камерен Оркестар на Битола
Бројот на вработени во НУ Камерен Оркестар на Битола денес изнесува 7, додека останатите членови во оркестарот работат како надворешни соработници.