На 24 февруари 2026 година свечено ја отвораме концертната сезона за 2026 година со концертот „Вечер на романтични балади“ во Офицерски дом – Битола.
Под диригентската палка на Владимир Димовски, на публиката ѝ нудиме внимателно одбрана програма посветена на романтичниот музички израз, со дела од Антонин Дворжак, Јозеф Сук и Петар Илич Чајковски. Концертот е замислен како емотивно музичко доживување и како достојно отворање на новата концертна сезона. Влезот е слободен.
И покрај тоа што оваа година Министерство за култура одобри само шест проекти, како и минатата година, ќе се стремиме кон реализација на повеќе од десет концертни и музички проекти во текот на сезоната. Потсетуваме дека во 2025 година реализиравме 14 проекти, како и повеќе од пет гостувања низ Македонија, со што ја потврдивме нашата активна и континуирана улога на националната музичка сцена.
Веднаш по отворањето на сезоната, ќе бидеме дел и од концертот „Засекогаш во срцата“, кој по осми пат ќе се одржи во Битола. Овој концерт, посветен на делото и споменот на Тоше Проески, и оваа година ќе се реализира благодарение на ентузијазмот и посветеноста на организаторите.
Со ваквиот почеток на сезоната, уште еднаш ја потврдуваме нашата мисија – континуирано да создаваме квалитетна музичка програма и да ѝ нудиме на публиката значајни културни настани, без разлика на институционалните предизвици.