На 24 мај 2025 година, во просториите на Офицерски дом во Битола, се одржа концертот „Ехо на Единството“ во изведба на НУ Камерен Оркестар на Битола.

Овој концерт го носи насловот „Ехо на Единството“ како симбол на длабокото духовно и уметничко поврзување меѓу двајца истакнати творци – композиторите Евгениј Шчербаков и Гоце Коларовски. Поврзани преку заеднички вредности, тишини што зборуваат, почит кон традицијата и љубов кон современиот израз, нивното „ехо“ одекнуваше низ целата програма.

Делата кои беа изведени на 24 мај од Камерниот оркестар на Битола под диригентство на Евгениј Шчербаков:

Гоце Коларовски: „Распеви“

Алфред Шнитке: „Шинел“ (од „Гогољ-суита“)

Оскар Гигеле: „Самсара“

Евгениј Шчербаков: „Расположение“ за виолина и гудачки оркестар, солист Симон Поповски

Сони Петровски: „Анданте“ за виола и гудачки оркестар, солист Владимир Димовски

Евгениј Шчербаков: Кончертино „Во сјајот на Виенските мечтаења“

Диригент на овој концерт беше Евгениј Шчербаков – композитор, диригент и едукатор со потекло од Русија, а денес со кариера и живот во Канада. Евгениј Шчербаков е автор чие творештво е длабоко вкоренето во православната духовност и филозофските димензии на современото музичко мислење. Роден во 1958 година во Горки (денешен Нижни Новгород), тој има завршено композиција на Државниот конзерваториум „Глинка“, а диригирање студирал на неколку истакнати европски академии. Од 1990 до 2008 година предавал композиција и оркестрација, водел симфониски оркестри, и одржувал мајсторски класови низ Европа и Северна Америка. Од 2008 година живее и работи во Ванкувер, каде активно твори, диригира и предава.

Како солист на концертот се појави виолинистот Симон Поповски, виолина – млад, наградуван македонски музичар со интернационално образование и искуство, познат по својата исклучителна интерпретативност и техничка зрелост.

Покрај него, како солист во оваа програма се појави и Владимир Димовски – основач на НУ Камерен Оркестар на Битола и креатор на бројни негови иновативни проекти.

Концертот беше уште еден доказ дека камерната музика е жива, актуелна и способна да допре длабоко, кога е искрено создадена и искрено изведена.

Категорија: