I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Правилник се уредува начинот, постапката и критериумите за спроведување на аудиции за засновање работен однос, распоредување и унапредување на уметници во Националната установа „Камерен оркестар на Битола“ – Битола (во натамошниот текст: Установата), како и органите надлежни за нивно спроведување и други прашања од значење за постапката.

Член 2

Врз основа на резултатите од спроведената аудиција се утврдуваат уметничките и стручните способности на кандидатите, како и нивната соодветност за работното место за кое е објавен јавен оглас.

Член 3

Аудицијата претставува задолжителен елемент во постапката за засновање работен однос и унапредување на уметници, согласно актот за систематизација на работните места на Установата.

II. ОРГАН ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА АУДИЦИЈА

Член 4

Аудицијата ја спроведува Комисија за постапка за вработување, формирана со решение на директорот на установата, согласно Законот за култура.

По исклучок, во случај на новооснована јавна установа од областа на културата во која нема вработени од областа на културата или нема раководни вработени лица, членовите на Комисијата се определуваат од Министерството за култура и туризам.

Комисијата е составена од пет (5) членови и нивни заменици, од редот на истакнати уметници од исто или повисоко уметничко ниво од нивото за кое се спроведува постапката.

Комисијата ја спроведува целокупната постапка за вработување, вклучително проверка на исполнетост на условите од јавниот оглас, спроведување на аудицијата, оценување и рангирање на кандидатите, како и доставување предлог за избор до директорот.

По потреба, во работата на Комисијата може да биде ангажиран надворешен истакнат уметник.

Директорот обезбедува услови за непречено спроведување на постапката за аудиција.

Во случај на отсуство или изземање на член на Комисијата, учествува неговиот заменик.

Комисијата може полноважно да работи доколку е присутно мнозинство од вкупниот број членови или нивни заменици.

Комисијата одлучува со мнозинство гласови од присутните членови.

Член 5

Член на Комисијата не може да учествува во постапката доколку постои роднинска, деловна или педагошка врска (директен наставно-ученички однос во моментот на спроведување на аудицијата) со кандидат.

Во таков случај, членот е должен да се изземе од работа во Комисијата, при што на негово место стапува заменик-член.

Изземањето задолжително се констатира во записникот.

III. ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ

Член 6

На аудиција се повикуваат кандидати кои ги исполнуваат условите утврдени во јавниот оглас и успешно ја поминале административната проверка на документацијата.

Известувањето за датумот, времето и местото на одржување на аудицијата се врши преку веб-страницата на Установата, електронска пошта и/или телефонски број наведен во пријавата.

Кандидат кој уредно е повикан, а не се јави на аудицијата, се смета дека се откажал од понатамошно учество во постапката.

IV. НАЧИН НА СПРОВЕДУВАЊЕ

Член 7

Аудицијата е јавна и се спроведува пред Комисијата.

По одлука на Комисијата, аудицијата може да се спроведува зад параван (screen), во целост или во поединечни фази, со цел обезбедување на објективност, непристрасност и еднаков третман на кандидатите. Screen се применува под еднакви услови за сите кандидати за конкретното работно место.

Комисијата може да донесе одлука за ограничување или исклучување на јавноста доколку оцени дека присуството на публика го нарушува редот, текот или објективноста на постапката. Таквата одлука задолжително се внесува во записник.

Аудицијата може да се снима (аудио и/или видео запис) по претходна одлука на Комисијата. Снимањето се користи исклучиво за потребите на постапката и претставува доказен материјал и се чува согласно прописите за заштита на лични податоци.

Член 8

Аудицијата се спроведува преку изведба на:

  1. композиции согласно програмата за аудиција, објавена на веб страницата на Установата ( согласно работното место кое е огласено);
  2. оркестарски делници, согласно спецификата на работното место доставени до кандидатите најдоцна седум (7) дена пред одржување на аудицијата;
  3. читање од лист (prima vista) на материјал обезбеден од Комисијата.

Член 9

Комисијата врши оценување на кандидатите според следните критериуми:

  • интонација;
  • техника (чистота, стабилност и артикулација);
  • ритам и прецизност;
  • музикалност и стил;
  • prima vista.

Секој критериум се оценува со бодови од 0 до 10.

Максималниот можен број бодови изнесува 50 бодови.

Кандидат кој нема освоено минимум 30 бодови не се смета за успешно рангиран.

Член 10

Рангирањето на кандидатите се врши според вкупниот број освоени бодови.

Во случај на еднаков број бодови, предност има кандидатот со повисоки оценки по критериумите интонација и техника.

Член 11

Редоследот на настапување на кандидатите се утврдува со извлекување на редни броеви непосредно пред започнување на аудицијата.

Доколку ниту еден кандидат не го исполни минималниот критериум за успешност, аудицијата се поништува.

V. ЗАПИСНИК

Член 12

За спроведената аудиција се изготвува записник кој го потпишуваат сите членови на Комисијата.

Комисијата, врз основа на спроведената аудиција, изготвува записник со ранг-листа и доставува предлог за избор до директорот на Установата.

Записникот задолжително содржи:

  • состав на Комисијата;
  • список на кандидати;
  • поединечни и вкупни бодови;
  • ранг-листа;
  • образложение.

Записникот претставува составен дел од постапката и служи како основ за донесување на одлука за избор.

Во случај на повеќе работни места утврдени во еден јавен оглас, Комисијата изготвува одделни ранг-листи за секое работно место поединечно.

VI. ОДЛУКА И ИЗБОР

Член 13

Врз основа на записникот, ранг-листата и предлогот на Комисијата, директорот донесува одлука за избор во рок од пет (5) дена од денот на приемот на предлогот, согласно Законот за култура.

По правосилноста на одлуката се склучува договор за вработување согласно важечките законски прописи.

VII. ПРАВНА ЗАШТИТА

Член 14

Незадоволните кандидати имаат право на жалба до Управниот одбор во рок од осум (8) дена од денот на приемот на одлуката за избор.

VIII. ПРЕОДНИ ОДРЕДБИ

Член 15

Во случаи кога за одредено работно место не е утврдена детална програма за аудиција, Комисијата утврдува посебна програма која задолжително се објавува пред одржување на аудицијата.

IX. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 16

Овој Правилник го донесува Управниот одбор на НУ „Камерен оркестар на Битола“ – Битола, на предлог на директорот.

Член 17

Со денот на влегување во сила на овој Правилник престанува да важи Правилникот бр. 02-3/6 од 26.01.2024 година.

Член 18

Овој Правилник стапува во сила со денот на неговото донесување и се објавува на веб-страницата и огласната табла на Установата.

Бр.02-49/4

28.04.2026 година

Битола     

                                                                

Категорија: