„Романтична Едвардова вечер“
14 април 2025 | 20:00 часот
Офицерски дом – Културно информативен центар Битола
Присутните ќе имаат можност да слушаат дела од двајцата романтичари: Едвард Елгар и Едвард Григ. Како солист на виолончело ќе настапи Антонио Илиоски, а концертот ќе биде под диригентската палка на маестро Владимир Димовски. Во продолжение програмата на концертот.
Програма
Едвард Елгар – Серенада за гудачи
– Allegro princevole
– Lerghetto
– Allegretto
Едвард Елгар – Концерт за виолончело
– Adagio – Moderato
– Allegro molto
– Adagio
– Allegro
Едвард Григ – Пер Гинт
“Песна на Солвејот”
“Смртта на Аса”
“Танцот на Анитра”
“Во пештерата на планинскиот цар”
Антонио Илиоски – Виолончело

Антонио Илиоски (роден 2003 во Скопје) е еден од најперспективните млади виолончелисти од Македонија. Своето музичко патување го започнува на осумгодишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ под менторство на проф. Марија Кочарова-Узунова. Моментално студира на Националната Музичка Академија „Панчо Владигеров“ во Софија со проф. Атанас Крстев.
Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Уметник на годината“ и прва награда на натпреварот „Шопен“. Антонио има настапувано низ цела Европа – во Букурешт, Рим, Кремона, и на турнеи низ Балканот и Германија. Имал чест да работи со имиња како Миша Мајски, Андреј Јоница, Рафаел Волфиш и други, учествувајќи на престижни мастер-класови.
Како солист и камерен музичар, настапува во дует со пијанистката Јана Лолова. Неговиот репертоар опфаќа класици како Елгар, Брамс и Бетовен, а инспирација црпи од виолончелисти како Касалс, Ростропович и Мајски.
Активен е на социјалните мрежи, каде ја промовира својата работа и ги инспирира младите музичари. Со својот талент, посветеност и харизма, Антонио веќе ја трасира својата патека кон светските сцени.
Владимир Димовски – диригент

Владимир Димовски е виолист, аранжер и диригент роден во 1984 година во Битола. Средното музичко образование го завршува во родниот град, а академските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Фросина Балова.
Рано се вклучува во оркестарска работа, прво во Музичката младина на Македонија, а потоа како водач на виоли во повеќе оркестри, вклучувајќи ја Македонската опера и балет, каде што од 2008 е вработен како заменик на водач на група.
Неговата соло кариера вклучува настапи со Македонската филхармонија, Македонската опера и балет и Камерниот оркестар на Битола, со соработки со врвни уметници од Македонија и пошироко. Паралелно работи како аранжер, со преку 200 аранжмани на класични, поп, рок и филмски теми, изведени од врвни ансамбли и оркестри.
Во 2013 заедно со проф. Никола Трајановски го возобновува Камерниот оркестар на Битола, со цел истиот да стане национална институција. По десетгодишна упорна работа, тоа се реализира во декември 2023. Во 2024 е и В.Д. директор на оркестарот, иницирајќи ги првите вработувања.
Голем број од проектите на Камерен оркестар на Битола се авторско дело на Владимир Димовски. Иако се враќа во Македонската опера и балет, тој продолжува да соработува со Камерниот оркестар на Битола, реализирајќи концерти и гостувања во странство.