Владимир Димовски
диригент, виолист и музички продуцент
Владимир Димовски е роден во 1984 година во Битола. Своето музичко образование го започнува во средното музичко училиште во Битола, отсек виола, во класата на професор Никола Трајановски. Својата музичка надоградба ја продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Фросина Балова, каде од втората година на студиите е водач на групата виоли во симфонискиот оркестар на факултетот.
Пред започнувањето на студиите, 10 години е редовен член на Музичката младина на Македонија од кои последните 6 години како водач на виоли. Исто така како водач се јавува во многу оркестри и ансамбли како: Интернационален балкански камерен оркестар во Бар – Црна Гора, Камерниот оркестар на Битола. Од 2004 година хонорарно е ангажиран во НУ Македонска опера и балет, а од 2008 годинa е вработен во НУ Македонска опера и балет на неопределено време како заменик на водач на виоли.

Неговата соло кариера содржи бројни рецитали низ Македонија, два соло настапи со Македонската филхармонија, дуетот од Макс Брух изведен со Игор Бакревски, кларинет во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет, соло настап со Камерен оркестар на Битола, настап со Симон Трпчески во секстетот од С. Прокофјев (Увертира на еврејски теми).
Покрај свирењето на виола, Владимир се занимава и со изработка на аранжмани, за најмали камерни состави па сѐ до оркестрации за симфониски оркестри. За својот поранешен квартет Air Strings има направено преку 200 песни на поп рок теми, оркестрации на црковно – византиски теми изведени од Македонската Филхармонија, македонски поп теми неодамна изведени од Македонската опера и балет, како и светски поп рок теми изведени од истата институција, „Војна на Ѕвездите“ за оркестар на средно училиште во Чикаго, САД, аранжмани за електро бендот “Coverland”, и голем број на аранжмани за Камерен оркестар на Битола, во кој се јавува и како организатор на концертите.
Често се јавува и како диригент на своите проекти на Камерен Оркестар на Битола – Виена во Битола, Rock Symphony, James Bond Symphony, John Williams Symphony, проекти кои стекнаа голема популарност низ Македонија, особено проектот Rock Symphony со кој Камерниот оркестар настапи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Освен тоа, диригирал и со оркестарот на Македонската Опера и Балет и Македонската Филхармонија, и е редовен диригент на фестивалот на класична музика Интерфест.
Владимир Димовски заедно со неговиот професор по виола Никола Трајановски во 2013 година го возобновуваат Камерниот Оркестар на Битола, со цел истиот тој да прерасне во национална установа во која ќе се вработат млади професионалци од Битола. Од 2013 година па се до 2023 година, Владимир активно се занимава со организација на концерти со Камерен Оркестар на Битола, преку Здружението Мјузик Арт, по што Камерниот Оркестар на Битола стекнува голема популарност во Македонија, но и надвор од неа. Неговата долгогодишна упорност и работа за овој оркестар да добие статус на национална установа се исполни во декември 2023 кога и официјално Камерниот Оркестар на Битола го добива тој статус.
На почетокот од 2024 година, Владимир преминува од Македонска опера и балет во НУ Камерен Оркестар на Битола како ВД Директор со цел да ја продолжи својата мисија, односно да се вработат првите членови во НУ Камерен Оркестар на Битола – долгогодишни музичари во истиот оркестар. Во мај 2024 година, НУ Камерен Оркестар ги брои своите први вработени, а Владимир Димовски од јули се враќа во Македонска опера и балет. И покрај неговиот ангажман во Македонска опера и балет, тој продолжува со соработката со НУ Камерен Оркестар на Битола, и организираат 7 концерти во текот на 2024 година – со класична и популарна музика, и 2 гостувања во Виена и Рим. Голем дел од проектите на Камерен Оркестар на Битола од 2013 година, па и НУ Камерен Оркестар на Битола до денес се авторско дело на Владимир Димовски.