НУ Камерен оркестар – Битола беше дел од осмото издание на концертот „Засекогаш во срцата“, во организација на Оркестар ДИВА, посветен на музиката и споменот на Тоше Проески.
Убаво е кога имаме некого со кого можеме да се гордееме. Некого за кого секогаш ќе кажеме: „Тој беше наш.“
Тоше Проески остави многу повеќе од песни. Остави спомени, емоции и моменти што ги носиме со себе цел живот. Неговата музика нè следеше низ радосните, но и низ тешките денови, низ младоста, љубовите и разделбите, секогаш допирајќи таму каде што зборовите не можат.
На 5 март 2026 година, по осми пат, публиката и изведувачите се обединија на концертот „Засекогаш во срцата“, создавајќи уште една емотивна вечер посветена на човекот чија музика поврза и продолжува да поврзува повеќе генерации.
За НУ Камерен оркестар – Битола претставуваше особена чест да биде дел од овој значаен музички настан и преку својата изведба да придонесе во зачувувањето на споменот и музичкото наследство на Тоше Проески.
Концертот беше можност сите заедно да застанеме за момент, да се потсетиме, да запееме и повторно да ја почувствуваме музиката што нè поврзува и останува засекогаш во нашите срца.