НУ Камерен оркестар – Битола настапи во рамките на програмата на „Скопско лето“, едно од најзначајните летни културни случувања во главниот град, со концертот „Вечер на романтични серенади“.

Станува збор за концертен проект кој веќе има своја успешна приказна. Со истиот концерт, во март 2026 година, свечено беше отворена концертната сезона на оркестарот. Програмата постави високи уметнички стандарди и наиде на исклучително позитивен одѕив кај публиката.

Поради големиот интерес и бројните барања за негово повторно изведување, „Вечер на романтични серенади“ продолжи да живее и пред скопската публика, овојпат на сцената на престижниот фестивал „Скопско лето“.

Под уметничкото водство на диригентот Владимир Димовски, НУ Камерен оркестар – Битола приреди внимателно обликувано музичко патување низ богатството на романтизмот – стилски период исполнет со длабока емоционалност, интимна лирика и драмска експресија.

Преку прецизната и чувствителна интерпретација, оркестарот ја пренесе посебната атмосфера на романтичната музика, создавајќи концертна вечер исполнета со суптилност, топлина и силен уметнички израз.

Гостувањето на „Скопско лето“ претставува уште една потврда за препознатливоста на НУ Камерен оркестар – Битола надвор од својот град, како и за неговата континуирана посветеност кон создавањето квалитетни, емотивни и уметнички силни концертни доживувања.

Категорија: