Два неверојатни концерти посветени на ликот и делото на нашата музичка легенда, големиот Јонче Христовски. Преполни концертни сали, емоции, громогласен аплауз и едногласно пеење ги одбележа овие два извонредни концерти. Првиот концерт се случи на 04.04.2023 во родниот град на славниот Јонче, Битола, а вториот беше на 05.04.2023 во Скопје.
Концертите симболично започнаа со актер на сцената кој со неговите движења, фрлање на палтото и сето она што тој го правеше потсетуваше на Јонче, оној Јонче со кој ние пораснавме, а денешната млада генерација за жал не го памети и на моменти се потсмева со она што тој пеел и што и како работел.
На концертот настапија Петар Младеновски (Суперхикс), Елена Андоновска, Душко Георгиевски, Ленче и Горан Кукиќ, Виолета Томовска, Ристо Самарџиев…кои освен песната, на концертите доловуваа и раскажуваа приказни доживеани и преживеани со Јонче, нешто што ќе остане да се памети и прераскажува.
Пеце од “Суперхикс” ја имаше честа да ја отвори вечерта со две композиции од Јонче кои што се шегобијни и кои македонската публика ги знае како весели, ведри и хумористични. По него се редеа младата битолчанка Агни Авшар, Душко Георгиевски, Елена Андоновска која што ја крена публиката со песната “Едно име имаме” – новата македонска химна, веднаш потоа на сцената излегоа Ленче Кукиќ и Горан Кукиќ кој па со својот глас скоро идентично го отпеа големиот и познат хит “Виното и песната лек за душата…”. За пред речиси самиот крај на концертот, Ристо Самарџиев кој што излезе на сцената раскажа како и на кој начин го запознал Јонче, а веднаш потоа ја отпеа антологиската и вечна “Ако умрам ил загинам”. Како јаготка на шлагот беше излегувањето на сцената на Виолета Томовска која излезе заедно со својата ќерка Невена на која Јонче и ја има посветено познатата “Македонско девојче”. На сцената се појави и Невена, ќерката на Јонче Христовски која емотивно и во солзи се заблагодари за овие два преубави концерти посветени токму на него, на нашата македонска музичка легенда. Како и секогаш, и овој пат, Виолета Томовска само во нејзин препознатлив стил ја отпеа одличната и никогаш заборавена “Македонско девојче”, за на самиот крај сите оние кои испеаа песни да излезат на сцената и заедно ја отпеаа преубавата македонска “Ој Вардаре Македонски”.
Ако можеби шегобијно и хумористично започна овој концерт, истиот заврши емотивно со многу солзи кај публиката, емоции кои не можат ниту да се опишат ниту да се прераскажат единствено може да се доживеат.
Оригинален текст: https://www.muzika24.mk/muzika-na-kirilica/jonce-hristovski-emotivno-go-rastrese-skopje/59550/
Фото: Диоген Хаџи-Коста Милевски