На 1 август 2026 година, НУ Камерен оркестар – Битола настапи на 66. издание на престижниот меѓународен фестивал „Охридско лето“, со концертот „Внатрешен глас на виолончелото и виолината“, одржан во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Фестивалот „Охридско лето“ со децении претставува симбол на врвната уметност, традицијата и културниот престиж. Тој е сцена на која гостуваат исклучителни уметници и се создаваат музички моменти што остануваат во колективната меморија на публиката.
Под диригентската палка на маестро Евгениј Шчербаков, НУ Камерен оркестар – Битола настапи заедно со реномираниот виолончелист Емил Ровнер и виолинистот Симон Поповски.
Концертот донесе суптилен и длабок музички дијалог, во кој звуците на виолончелото и виолината се преплетуваа во единствен, заеднички внатрешен глас. Преку внимателно обликуваните интерпретации, оркестарот и солистите создадоа вечер исполнета со силна емоција, прецизност и високи уметнички вредности.
Настапот на сцената на „Охридско лето“ претставува значаен момент во развојот и афирмацијата на НУ Камерен оркестар – Битола, како и уште една потврда за неговата посветеност кон создавањето квалитетна музичка програма и претставувањето на институцијата на најзначајните фестивалски сцени.