За НУ Камерен Оркестар на Битола
Камерниот оркестар постои повеќе од четири децении. На почетокот, бил составен од музичари со ограничено музичко образование, ентузијасти кои имаа сосема различни професии, но сепак го негуваа својот љубов кон музиката и успеаја да формираат оркестар. Полека еволуирајќи низ годините, денес тоа е добро препознатлив бренд низ целиот Балкан. Идејата за ревитализација, популаризација и приближување на оркестарот до пошироката публика се роди во 2013 година. Таа беше реализирана преку напорите на диригентот Владимир Димовски и виолистот и професор во Музичкото училиште во Битола, Никола Трајановски.
Првиот концерт на оркестарот со популарен карактер беше насловен “За моја Битола”, на кој беа изведени најубавите староградски песни, со неколку македонски уметници како гости. Веднаш по овој концерт следеа Новогодишен концерт како и еден од најпопуларните проекти на Камерниот Оркестар – првата Рок Симфонија, која ја воодушеви публиката. Желбата да се продолжи традицијата на Камерниот оркестар, поддржана од интересот на македонскиот народ за квалитетна музика, резултираше во продолжување на сонот на основачите. Така, тој активно настапува повеќе од една деценија, со бројни концерти и настапи (преку 300) во Македонија и на Балканот.
До добивањето на статус национална установа, Камерниот Оркестар на Битола во своја организација има изведено голем број на успешни концерти и има учествувано на реномирани фестивали за класична музика, како што се: Интерфест, Битфест, Скопско Лето, Охридско Лето, Прилепско Културно Лето, Штипско Културно Лето и др., но и за популарна музика низ Балканот: Nisvile(Ниш), Rock Village (Банатски Соколац, Србија – во два наврати), Bascarsijske Noci(Сараево), KotorArt (Котор), Ужичко Културно Лето (Ужице), концерт во Белград во Комбанк Дворана, настап пред пред 7000 публика на CloudFest во Белград, концерт во Прага по повод 8 Септември и др.
Во текот на повеќегодишното постоење, со Камерен Оркестар на Битола настапиле и врвни диригенти од државата и светот како: Алесандро Д’Агостини (Италија), Анатолиј Крстев (Бугарија), Борис Спасов (Бугарија), Иван Кожухаров (Бугарија), Жолт Наѓ (Унгарија), Ендер Сакпинар (Турција) и македонските диригенти: Саша Николовски-Ѓумар, Бисера Чадловска, Сашо Татарчевски, Ле Фи Фи и др.како и светски познатите солисти: Роби Лакатош (Унгарија), Влатко Стефановски (Македонија), Керем Горсев (Турција) и др. На репертоарот на КОБ се наоѓаат дела од сите епохи- од раниот барок па се до современа класична и популарна музика. Проектите Rock Symphony, James Bond Symphony, Electro Symphony, John Williams Symphony, Засекогаш во срцата (концерт со македонски евергрини и песни од поп иконата – Тоше Проески) се прифатени со огромен интерес од публиката.

Сѐ до декември 2023 година, НУ Камерен Оркестар на Битола функционираше под закрила на Здружението за афирмација на музичката уметност Музик-Арт основано од членови на оркестарот, а од 2023 година доби статус на национална установа. Основач на НУ Камерен Оркестар на Битола е Владимир Димовски, кој всушност е еден од возобновувачите на Камерен Оркестар на Битола во 2013 година. Од 2024 година како ВД Директор на националната установа се јавува Владимир Димовски, кој успева за време на својот мандат да ги вработи првите членови во оркестарот во мај 2024 година, и тоа: Дејан Цветковски (виолинчело), Ангела Димковска (флејта), и Симон Поповски (виолина).
По вработувањето на тројцата членови во НУ Камерен Оркестар на Битола, како ВД Директор на националната установа застанува Дејан Цветковски, а Владимир Димовски продолжува да биде надворешен соработник на институцијата и под негово водство и со неговата соработка се реализираат 7 проекти во текот на 2024 година, 2 гостувања надвор од државата – Рим, Италија и Виена, Австрија, и неколку гостувања низ државата.
Тоа што е особено важно да се напомене е дека и во Рим и во Виена салите во кои НУ Камерен Оркестар на Битола настапуваше беа преполни до последно седиште, а концертите завршија со громогласен аплауз и овации.
Во јануари 2025 година на задоволство на сите членови на оркестарот (вработени и надворешни членови), составот се проширува за уште тројца членови: Валентин Наумов (виолина), Милена Марковска (виолина), Љупчо Милевски (виолончело). Плановите на НУ Камерен Оркестар на Битола се да продолжат со својата работа како и досега, со нови и различни проекти, и да ја промовираат македонската култура и музика во и надвор од нашата држава.
За проектите на НУ Камерен Оркестар на Битола од 2024 па до денес можете повеќе да дознаете во Новости или Галерија или на профилите на НУ Камерен Оркестар на Битола на социјалните мрежи.
Вработени во НУ Камерен Оркестар на Битола
Бројот на вработени во НУ Камерен Оркестар на Битола денес изнесува 6, додека останатите членови во оркестарот работат како надворешни соработници.





