По 10 години постоење, Камерен Оркестар на Битола од неодамна стана национална установа во Република Северна Македонија и продолжува да руши рекорди со своите проекти. Овој значаен момент не само што ја одразува нивната посветеност кон уметноста и културата, туку и ја потврдува нивната важна улога во македонската музичка сцена.
Имено, изминатата година НУ Камерен Оркестар на Битола оствари повеќе од 30 проекти, меѓу кои и MTV The Greatest Hits Volume 1, во Битола и Скопје кој беше распродаден за само неколку часа, традиционалниот новогодишен концерт Виена во Битола за кој поради големата заинтересираност во последен момент беа организирани два концерти, Јонче Христовски Симфонија – во Скопје и Битола кој исто така беше распродаден за само неколку часа, Viva Verdi, Rock & Beat Symphony и многу други. Кажано во бројки, изминатата година околу 20 000 луѓе ги посетија настаните на НУ Камерен оркестар на Битола.
По незаборавниот успех на минатогодишните проекти, оваа година Камерниот Оркестар на Битола ја започнува со проектот MTV The Greatest Hits 80’s & 90’s Volume 2, кој е продолжение на проектот MTV The Greatest Hits 80’s & 90’s кој за првпат се одржа минатата година. Со изменет репертоар кој вклучува и незаборавни рок хитови од легендарните рок бендови што ја обликуваа музичката сцена во оваа ера како што се Guns N’ Roses, Queen и многу други, првиот концерт од овој проект закажан за 03.02.2024 година, Центар за култура, Битола беше распродаден за помалку од 3 часа. Поради големата заинтересираност на публиката, НУ Камерен оркестар на Битола, објави уште еден концерт за следниот ден – 04.02.2024, кој исто така беше распродаден за само 3 часа.
Огромниот интерес за проектите на НУ Камерен оркестар на Битола не е само признание за нивната професионалност и музичка подготвеност, туку и доказ за љубовта што публиката ја има кон Камерниот оркестар. Од НУ Камерен оркестар на Битолаупатуваат огромна благодарност до сите кои ги поддржуваат и им даваат мотивација да создаваат поинтересни и повосхитувачки проекти. Како што изјавија од оркестарот, без поддршката на публиката тие не би биле тоа што се сега.